м-р Нина Фити НеделковскаПораст на актуелноста на корпоративното управувањеПроблематиката на корпоративното управување во современи услови се повеќе добива во значење и актуелност, поради повеќе причини: (1) квалитетот и ефикасноста на корпоративното управување имаат големо влијание врз економските и финансиските резултати на работење на компаниите; (2) постојаното зајакнување на конкурентноста на компаниите во услови на глобализација на светските економски текови е од пресудно значење за опстанокот и развојот на претпријатијата; (3) актуелнава светска економска криза во еден свој дел е условена од кризата на корпоративниот капитализам, т.е. од проблемите поврзани со етиката на корпоративното управување.
Актуелизирањето на проблематиката на корпоративно управување во компаниите, особено во последниве неколку години, е се повидливо и во Р.Македонија. Тоа е разбирливо, бидејќи македонските компании, со помали исклучоци, се лошо менаџирани. Причините за тоа се бројни: недоволни знаења за природата, суштината и користа од доброто корпоративно управување; неразвиен пазар на капитал, а во негови рамки, посебно, неразвиен секундарен пазар на капитал (берза); слабости во системот на информирање на инвеститорите за финансиските, но и за нефинансиските резултати од работењето на компаниите (не толку од аспект на законодавството, туку повеќе од аспект на недоследно почитување на постојната регулатива); проблеми што произлегоа од т.н. инсајдерски карактер на приватизацијата и сл.
Суштина на корпоративното управување Што всушност претставува корпоративното управување? Постојат голем број дефиниции на овој поим. Од чисто економски аспект суштината на корпоративното управување се огледа во настојувањето да се оптимизира работењето на менаџерите во функција на заштита на интересите на сопствениците на компаниите (акционерите). Пошироко гледано, корпоративното управување е насочено кон воспоставување на систем за ефикасна контрола на компанијата, систем кој врши јасна распределба на правата и одговорностите на сите засегнати страни (акционери, менаџери, вработени...), овозможува детален опис на сите процедури и начини на донесување на деловни одлуки, и кој, во крајна дистанца, осигурува правилно поставување на целите и стратегијата на компанијата и следење на нивна реализација итн. Корпоративното управување се заснова на четирите принципи на ОЕЦД кои се поставени во 1999 година, ревидирани во 2004 година и прифатени насекаде во светот, како обид да оваа материја биде на некој начин стандардизирана:
(1) воспоставување на фер односи, т.е. еднаков третман на сите акционери; (2) одговорност; (3) транспарентност, т.е. навремено и точно обелоденување на сите информации кои се од суштинско значење за компанијата, вклучувајќи ја нејзината финансиска состојба, управувачка структура и сл; (4) отчетност, односно стратешко водење на компанијата, ефективно надгледување на менаџментот од страна на одборот итн.
Кој се има корист од корпоративното управување?Доколку менаџерскиот тим на компанијата ги прифати и почитува правилата и принципите за добро корпоративно управување, придобивките од него се распределуваат и ги чувствуваат менаџерите, акционерите, компанијата и останатите засегнати страни.
Менаџерите имаат бројни придобивки доколку ги применуваат принципите на доброто корпоративно управување: финансиските резултати се добри, со што расте угледот на менаџерите во компанијата и надвор од неа, се зацврстува нивната позиција во компанијата, растат бонусите (наградите), се релативизираат конфликтите на релација акционери- менаџери и сл. Придобивките на акционерите произлегуваат од фактот што нивните права се јасно прецизирани и разграничени. Состојбите и процедурите во компаниите се достапни, видливи и транспарентни. Тие имаат пристап до сите финансиски извештаи, активности на компанијата, и други материјални аспекти од работењето. Нивните добивки исто така растат. Придобивките од корпоративното управување се придобивки и за компанијата: расте репутацијата на компанијата, нејзиниот имиџ, се олеснува пристапот на компанијата до пазарите на капитал (цената на мобилизираниот капитал опаѓа), опстојувањето и развојот на компанијата во услови на нагласен конкурентен притисок е далеку поизвесна и сл. Од општествен аспект, не е за потценување и фактот што расте општествената одговорност на компанијата, се зацврстува бизнис етиката и сл. Оттука, иако цената на воведување на корпоративното управување можеби е висока, неговите придобивки се повеќе од видливи, поради што тоа треба постојано да се негува и развива.
Корпоративното управување - предизвик за МакедонијаСите овие сегменти на корпоративното управување се дел од предизвиците кои стојат и пред македонските компании. Македонија веќе ги направи првите позначајни поместувања во овој домен. Правно-институционалната рамка за успешно корпоративно управување значително е подобрена со поновите измени на Законот за трговски друштва, Законот за хартии од вредност, Законот за инвестициони фодови, Законот за стечај, донесувањето на Кодексот за корпоративно управување и измените и зацврстувањата на Правилата за котација на македонската берза. Стекнатите искуства во работењето на Комисијата за хартии од вредност, Македонската берза, Централниот депозитар исто така се многу значајни за унапредувањето на корпоративното управување во Македонија. Корпоративното управување веќе го зазема своето место и во академските кругови, се воведува и имплементира во наставните програми, така што и универзитетите стануваат значаен сегмент од институционалната мрежа. Според оценките на ЕБРД Македонија има, речиси, најдобро закондавство за корпоративно управување помеѓу земјите во транзиција. Меѓутоа, факт е дека воспоставување на добар систем на корпоративно управување е процес, а не еднократен чин. Две работи, во овој момент се клучни за Македонија. Прво, добрата институционално - правна рамка е само општ услов за развој на корпоративното управување. Но доследното почитување на законската регулатива е сериозен проблем и во овој сегмент - тоа е проблем и во многу други земји во транзиција во кои функционирањето на судскиот систем и правото се оптоварени со сериозни слабости. Второ, клучот за доброто корпоративно управување е сепак во самите компании. Прифаќањето и практикувањето на добро менаџерско управување, од една страна, се наметнува преку законската регулатива и правилата на берзата (тоа е формалниот аспект на проблемот), но суштината, сепак, е во градењето на култура на корпоративно однесување. Засега, мал е бројот на македонски компании кои го сфатиле овој факт и со посветеност работат на унапредување на корпоративното управување. Голем број компании, притиснати од тешките економски проблеми, едноставно го запоставуваат доброто корпоративно управување. Тоа е погрешна стратегија којашто, доколку работите не се променат, ќе резултира во долгорочни негативни последици врз ефикасноста на вкупната економија.
Коментари
Koja vsusnost e g-gja Nedelkovska
Тема во право време но нејасна
Ova e citat od ucebnik, ili
Ке мозе ли несто да наведете