ЕВН-Македонија ги синтетизира своите аргументи“Убедени сме дека транспарентноста и целосното обелоденување на важни документи е суштински предуслов за овозможување на сите заинтересирани луѓе и институции да го следат овој случај и да ја изградат сопствената позиција“, велат од ЕВН
ЕВН Македонија на својата интернет-страница објави Бела книга со факти и аргументи за сите отворени прашања, што се присутни околу нејзиното работење, а особено во судирот со Владата и ЕЛЕМ, за кои во последно време беше бомбардирана јавноста во земјава. Како што појаснуваат од компанијата, со оваа Бела книга “ЕВН сака да овозможи целосна транспарентност во однос на сите факти и аргументи поврзани со нашата инвестиција во Македонија и постојаниот дискриминаторски третман на кој бевме и сме предмет, на крај добивајќи закана за материјална експропријација преку нерегуларен судски случај, поведен против ЕВН од страна на компанијата ЕЛЕМ, која е во целосна државна сопственост и под контрола на државата. Убедени сме дека транспарентноста и целосното обелоденување на важни документи е суштински предуслов за овозможување на сите заинтересирани луѓе и институции да го следат овој случај и да ја изградат сопствената позиција“, велат од електродистрибутивната компанија.
Притоа, од ЕВН наведуваат и дека оваа Бела книга натаму ќе биде дополнувана, секогаш кога ќе бидат на располагање нови факти и докази, при што ќе ги објавуваат сите важни информации и навремено ќе реагираат на сите настани, информации, неточни изјави или погрешни обвинувања против нив во иднина. “На тој начин исто така ќе треба да служи како постојано растечка и ажурирана документација за секој кој сака да го следи случајот, или кој има потреба од информации за професионални цели“, посочуваат од ЕВН и додаваат дека “оваа Бела книга не треба да спречи никого со отворени прашања да не праша директно и лично, но треба да служи како примарен извор на оргинални документи кои често се споменуваат во јавноста или кои се користеа во судот, или за знаење на оргиналниот текст, суштинско за разбирање на случајот“.
Инаку, Белата книга на ЕВН Македонија содржи хронологија на приватизацијата на ЕСМ Дистрибуција, доаѓањето и првите две години од работењето на ЕВН во Македонија, потоа важни документи и линкови, вовед за непостоењето долг на ЕВН Македонија кон ЕЛЕМ, па за тужбата од ЕЛЕМ и постапката во Основниот суд во Скопје, за направените подобрувања преку инвестиции, за арбитражата во Вашингтон, за Законот за енергетика, за ЕЛЕМ и неговиот прв човек Влатко Чингоски, за погрешни изјави и заблуди, за оперативната работа на ЕВН Македонија, како и интервјуа, колумни и извештаи од медиуми.
Од ЕЛЕМ не сакаат да ја коментираат Белата книга од ЕВН Македонија за, како што велат, таквите коментари да не се сфатат како притисок. Инаку, посочуваат дека и тие пред извесно време објавија своевидна Бела книга.
Б.Ј.