Дневен брокерски извештај - 14 јули 2009Денеска македонсите инвеститори во чекор ги следеа случувањата на на светските берзи, особено на хрватската (барем до моментот на пишувањето на овој извештај). Прометот во редовно тргување забележа пораст, иако во сеуште скромните 11 милиони денари. Цените на најликвидните акции беа во пораст за по неколку проценти и со тоа МБИ-10 порасна за 2,88% и дојде до вредност од 2.468 индексни поени. МБИД порасна за 2,03%, а ОМБ со само 0,9 милиони денари во промет со обврзници растесе 0,25%.
Најтргуван денеска беше Гранит. Во неколку наврати се појавуваа поголеми продажни налози кои ги дистрибуираа своите количини на десетина купувачи. Сепак купувачите беа повеќе на број и цената порасна 2,49%, а беа истргувани 7.225 акции по просечна цена од 584 денари. Со тоа беше реализиран промет од 4,22 милиони денари. Втор најтргуван беше Алкалоид со промет од 1,54 милиони денари. Неговата цена исто така растеше за 2,30% со 350 истргувани акции по 4.399 денари во просек.
И кај Макперол беа расположени купувачите и затоа неговата цена со 27 акции во промет порасна за 3,55%. Нешто слично, односно 3,50% пораснаа акциите на Комерцијална банка. Беа истргувани 445 акции по просечна цена од 2.507 денари, при што исто како и вчера, на крајот на тргувањето беше постигната највисока цена од 2.550 денари.
Денеска најголем пораст од 17,40% забележаа акциите на Земјоделски комбинат од Битола. Беше истргувана понормална количина од 60 акции по просечна цена од 3.875 денари. Односот на растечки спрема паѓачки акции беше 13:4.
Сезоната на објавување на резултати од второто полугодие започна во светот. Најголемиот дел од аналитичарите не беа многу оптимистички расположени и своите очекувања изгледа ги поставија многу ниско. Дали компаниите ќе успеат да ги надминат тие очекувања ќе видиме во следните недели и веруваме дека соодветно на тоа ќе се движат и цените на акциите на светските берзи, за нашата останува да се надеваме дека веќе испливуваме од мартовското дно.