Ако сакате, поврзете се и со мафијата, но никогаш и за ништо на светот не мешајте се во меѓусебните односи на својот шеф и телефонистките од централата! На повеќето шефови им се многу важни односните дами, можеби затоа што знаат се за сите.
Затоа ако бидете неразумна и речете: „ Полин, зошто ме прекинуваш среде реченица?!“ (нешто во што сте сигурна, затоа што токму во тој миг си правите маникир и сте ја ставиле слушалката на телефонот под увото ), меѓу вас и Полин со сигурност ќе настапи мртовечко студенило, како и меѓу вас и вашиот шеф, но никогаш – меѓу Полин и вашиот шеф! (Не можете ни да замислите за што се се подготвени тие телефонистки!) Во најдобар случај едноставно нема да бидете поврзана со повеќето луѓе што ги барате.
Ако треба да поврзете некого со својот шеф, кој штотуку презел повик, да речеме од Лондон, затрупајте го човекот со искрени извинувања:„ Навистина жалам, господине Тејт! Господин Фибершоу штотуку прими друг повик!“ Никогаш и за ништо на светот не кажувајте од каде е тој повик, зашто тоа ќе го натера другиот да се почувствува уште позанемарен.
За да го извадите својот шеф од тоалетот, за да му се јави некому, не дозволувајте си го гафот да дремете пред вратата на машкиот тоалет и да го чекате! Којзнае како ќе се одрази тоа врз расположението на вашите колеги ако ве видат потпрена на ѕидот со засрамен изглед. Ако е толку неопходно, едноставно замолете некого од мажите да влезе и да го викне вашиот шеф!
Подобро да молчите, отколку да признаете!
Изборот е целосно ваш и зависи, пред се , од условите. Ако процените дека мора да излажете за нешто, запаметете го најважното правило: трудете се да не ве фатат!
Тоа не значи дека сакам да ве направам лажга, но не можете да не признаете дека понекогаш за вашата грешка нема никакво друго објаснување освен вашата расеаност. Во таков случај подобро е да замолчите отколку да признаете, посебно ако знаете дека тоа може да ви помине.
На пример, мојот шеф Дон Белдинг ги паметеше родендените на сите свои клиенти. Колку подароци се праќаа! Музички кутии, дрвени мечиња, декоративни чинии, часовници... Немам зборови! Така еден ден добивме картичка со благодарност од еден човек во Хонолулу, на која пишуваше: „Драги Дон, многу ми се допадна пепелникот што ми го прати, но дали би ми кажал, ако сакаш, зошто адресата на праќачот е од Осиџ, држава Арканзас?
Итн., итн“
Јасно. Бев внатре со двете нозе. Сум ја напишала адресата на своето семејство.
И бидејќи токму јас прва ја прочитав поштата, имав можност да дејствувам. Го напишав следното кратко писменце: „ Драги господине Фон Ведерхам, вие не ме познавате, но сигурна сум дека нема да ми одбиете една голема услуга!
Се однесува на картичката со благодарност што му ја пративте на господин Белдинг. Се прашував дали би имале нешто против да пратите уште едно писмо во кое повторно ќе му заблагодарите за пепелникот, но без да ја спомнувате адресата на праќачот? Итн.,итн“ Знаев дека преземам огромен ризик, но сепак се исплатуваше. Зашто тој ја исполни мојата молба!
Коментари
IkwVCGeZwvBPfI
FSFpSvwUWeJOZYgR