Јованка Јолеска Поповска, генерален директор на ПроКредит БанкаПрокредит банка, на банкарскиот пазар останува на својата определба и понатаму да ги поддржува микро, малите и средни претпријатија, а потврда за тоа се одобрените 100 000 кредити досега за стопанството, од над 400 милиони евра.
Идејата на Банката во овој момент, кога бизнисите се соочуваат со криза, не е да придонесе за згаснување на фирмите, туку напротив каде што постои интерес за да се сервисира долгот , да излезе во пресрет на фирмите токму сега, со цел да се вратат во нормален тек кога ќе дојдат подобри времиња. Клиентите ја чувствуваат банката како свој партнер и поддржувач на нивниот бизнис, а не само како некој дава кредит.
1.Оваа година за банкарскиот сектор е прилично неповолна, како се снаоѓа ПроКредит Банка. Како реагираат претприемачите на кризата?ПроКредит Банка, како банка за поддршка на микро, мали и средни претпријатија останува на својата основна стратегија, дури и во овие тешки економски услови на рецесија. Активното портфолио на Банката во моментот изнесува 34 илјади кредити во износ од 129 милиони евра. Од отворањето на банката до сега имаме одобрено над 100 000 кредити и сме исплатиле над 400 милиони евра, и тоа во секторите како трговијата, градежништвото, транспортот , агросекторот, кои остануваат доминантни области кои досега најмногу сме ги кредитирале.
Во ниеден момент банката не запрела со кредитирање, ние сме тука за потенцијалните клиенти. Факт е дека се забележува намалување на кредитната активност во рамките на банката во споредба со ланската година, меѓутоа сето тоа не значи дека сакаме да ја намалиме кредитната активност. Ние работиме на еднаков начин како и лани и во претходните пет години, нашиот принцип на работа е ист. Напротив, се забележува поголема воздржаност од страна на бизнисмените или на малите и средни претпријатија.
Таа воздржаност се должи на фактот што реално, временските услови и рецесијата наметнуваат една несигурност и непредвидливост што ќе следи потоа, до кога итн.Од друга страна, не можеме да кажеме дека и нема бизнисмени кои многу претприемачки се однесуваат во овој период, бидејќи се забележува дека некои компании си заземаат поголемо учество на пазарот во услови на криза, за сметка на оние кои се повлекуваат и не инвестираат, не се толку агресивни на пазарот. За сметка на тоа другите што инвестираат во овој момент си зафаќаат дел од пазарот.
Дополнително на тоа има и една прагматична нота, да си претприемач во овој период значи да имаш храброст. Претприемачите треба да ги искористат и поволностите на пазарот во моментот. Многу од добрата во кои инвестираат, бележат намалена побарувачка и според тоа цените се пониски, па доколку сте храбар претприемач можете да го искористите периодот, поради поефтината цена, на пример на градежните материјали, цената на чинење на инвестициите на градби е многу пониска, со оглед на тоа што е рецесија и нема толку голема побарувачка.
Така што, во овој период има и такви храбри претприемачи, и нормално е на нив да им се потребни средства од банка. Често пати, бизнисмените доаѓаат со прво прашање дали банката се уште финансира долгорочни кредити, бидејќи нивниот впечаток е дека во овие непредвидливи услови дури и банките се внимателни па финансираат само за работен капитал, односно за краткорочни кредити, меѓутоа ние даваме кредити со рочност и до 12 години кои се наменети за поголеми инвестициони проекти, градби итн., што значи располагаме со сите финансиски производи и остануваме во поддршка на бизнисите.
2. Што презема Банката во делот на кредитирањето, кога ќе се појават потешкотии за отплата на долгот од страна на фирмите?Поради околностите во кои работат компаниите се забележуваат одредени негативни работи. Кај одредени бизниси се забележуваат потешкотии, не од аспект на враќање на кредитот туку затоа што обемот на бизнисот им е намален. Има бизниси каде се забележува намалување на прометот околу 30 проценти, а тоа доведува и до намалување на ликвидноста, намалена е наплатата меѓу бизнисите и реално намалена е профитабилноста. Ние кога сме одобрувале кредит во еден добар период од функционирање на фирмата, кредитот сме го прилагодиле на профитот што фирмата го заработувала тогаш. Сега, во услови на намален профит реално нема доволно ликвидност за да се покрие тековното работење на фирмата и да се сервисира кредитот.
3. Како им помагате на претприемачите во вакви услови?Остануваме докрај партнери на фирмите, бидејќи градиме долгорочната соработка. Идејата во овој момент не е да придонесеме за згаснување на фирмата, бидејќи ние имаме обезбедување како банки и ќе одиме кон извршување на тоа обезбедување и ќе си го наплатиме кредитот. Нашата идеја е секаде каде што постои интерес за да се сервисира долгот , каде што фирмата е жива и работи, но со доста намален капацитет, да го прилагодиме амортизациониот план спрема нивото на профитот.
Тоа во банкарски термини би значело репрограмирање, реструктурирање, или пролонгирање на амортизационите планови со тоа што ратата би дошла помала односно би одговарала на профитот што го има фирмата.
Значи, многу повеќе сме насочени кон тој процес и тоа е повторно долгорочно гледање на нештата со цел да излеземе во пресрет на фирмите сега, за да успееме повторно да ги вратиме во нормален тек кога ќе дојдат подобри времиња, а веруваме дека ќе дојдат зошто економијата е циклична.
Клиентите можат да ја почувствуваат банката како свој партнер и поддржувач на нивниот бизнис, а не само како некој кој само го дава и го сервисира кредитот.
4.Дали е голем процентот на фирмите на кои сте ги реструктурирале долговите?Се уште не е толку значаен процентот, особено што ние како банка и претходно, во однос на начинот на одобрување на кредит, сме биле поконзервативни. Ние не сме го смениле методот. Дури и претходно, постојано инсистираме на одговорно кредитирање што подразбира многу добра финансиска анализа на фирмата, за добро запознавање на бизнисот, за тоа кој ја води фирмата, како ја менаџира, која е стратегијата на фирмата итн.
И на база на тоа се дефинира големината на кредитот, а кај нас при тоа повторно се остава еден бафер од околу 30 проценти , значи ако фирмата заработува 100 евра месечно ние амортизациониот план го прилагодуваме на начин што само 75 евра ќе отпаднат за плаќање на рата, со што повторно оставаме 30 проценти слободни средства за потребите на фирмата, кои во ситуација на намалена активност ќе му помогнат пак да може да го сервисира долгот.
Тоа е она што ние долго време го потенцираме дека квалитетот на портфолиото е едно од најважните индикатори за проценка на стабилноста и одржливоста на една банка, и тоа е неминовно . Колку е поздраво портфолиото толку помалку проблеми ќе има банката.
На пример еден показател за тоа: клиентите кои доцнат со долгот за рата, над 90 дена во нашата институција, кои се третираат за нефункционални кредити изнесува еден процент, а во македонскиот банкарски систем изнесува 7,5 проценти.
Во Србија е 15 проценти, што подразбира дека 15 проценти од портфолиот е ризично, односно клиентот три месеци ништо не враќал на банката , кај нас е еден процент што се уште е релативно ниско. Не знаеме како ќе биде до декември, бидејќи најавите се дека од септември ќе се продлабочи рецесијата.
Ние апсолутно се организираме и поинтензивно ги следиме и порано клиентите, дури и да немаат проблем со мониторинзите ние однапред им сугерираме, иако може да го враќате кредитот дајте да направиме нешто за да не ви биде проблем кога ќе се влоши уште повеќе состојбата.
5. Што ќе се случува прво кај вас, а потоа и во банкарскиот систем, воопшто ако во септември се влоши ситуацијата. Како ќе реагирате?Она што е добро во Македонија е дека банкарскиот систем е стабилен, со добра ликвидност, профитабилност итн. Што би се случило ако повеќе се влоши ситиуацијата? Една од мерките е токму ова репрограмирање и одржување на портфолиото колку што може да се одржи на некое квалитативно ниво. Во целиот банкарски сектор веќе се обрнува големо внимание на подобрување на ефикасноста на процесите, што подразбира оптимизација на трошоците.
Значи ние како финансиски институции, како бизниси на некој начин треба да си овозможиме кризата да ја поминеме без поголеми финансиски последици, да не се загрози профитабилноста на банката со што би се загрозила стабилноста . Тие се двете мерки што во овој контекст треба да се направат.
Едно е репрограмирање на кредитното портфолио, многу детално следење и оптимизација на трошоците, како и зголемување на ефикасноста. Многу е тешко да се предвиди дали ќе има влошување на ситуацијата во септември. Нашата економија е многу мала, отворена и реално и очекувано евентуалните проблеми ќе се трансферираат. Ние од месец во месец се прилагодуваме на новата ситуација.
Едно е да имате развиена економија, односно кога имате брз и динамичен економски раст, како на пример Бугарија или Србија. Доколку економијата расте со над шест проценти и е зависна од многу активно кредитирање и има голем обем на странски инвестиции, во тој случај ако се повлечат странските инвестиции и банките престанат да кредитираат, тогаш економијата доживува нагло голем удар надолу.
Кај нас рецесијата стигна пополека заради тоа што и самата економија никогаш немала толку динамичен развој. Иако 2008 беше добра година, не беше супер динамична, ако се спореди со соседните земји или со Западна Европа. Така што од месец во месец фирмите се навикнуваа на новонастанатата ситуација, и со фактот дека обемот на работење им е намален од 20 до 50 проценти, и стануваат многу свесни дека и тие внатрешно мора да си ги реорганизираат трошоците, да ги намалат за да можат да опстојат во годината.
Не дека ќе се очекува нагла промена, но најверојатно ќе се продлабочи она што веќе е почнато. Фактот што рецесијата доаѓаше пополека ни помогна и ние како банка да се подготвиме, успеавме да се адаптираме за да може да функционираме успешно и во променетите услови.
6. Има ли шанси да ги намалите каматите, со оглед што Владата им го наметнува тоа на банките, во интерес на граѓаните и стопанството?Она што во последно време се наметнува од Владата во поглед на намалување на каматните стапки во банкарскиот сектор од наша перспектива е невозможно. Ние како ПроКредит не можеме да ги намалиме каматните стапки на кредитите со оглед на тоа што не сме ги ни зголемиле, и работиме со истите каматни стапки кои биле важечки и минатата година.
Фактот што цената на депозитите е зголемена во текот на оваа година, како и цената на странските кредити, ако воопшто и постојат имајќи го во предвид ризичниот профил на нашата земја, се две нешта кои влијаат на цената на кредитите, плус влошувањето на кредитното портфолио што ќе следи, па и преземањето на овие мерки на реструктурирање и репрограмирање на долговите за кои мора да издвоиме дополнителни трошоци и резервации, не е ефтин процес за нас.
Ако ги земете овие три параметри, зголемени трошоци за депозитите, за странски кредити и зголемени трошоци за нефункционалното портфолио, банките ќе се најдат во многу тешка ситуација ако треба да ги намалиме каматите. Тогаш можеме да си го трансферираме проблемот од бизнис секторот во банките, а доколку банките почнат да генерираат загуби, тоа веќе би го дестабилизирало банкарскиот систем.
Затоа дискусијата за намалување на каматните стапки, и од аспект на ПроКредит Банка, а верувам и од аспект на останатите банки, особено што некои веќе и ги зголемија каматните стапки, е невозможно, бидејќи не е толку едноставна ситуацијата, да се одржи стабилен банкарски сектор, а да дозволиме намалување на каматните стапки.
7. Што ќе значи помошта за фирмите со кредитите обезбедени од Европската инвестициска банка? Ние добивме одобрување за користење на линијата, но сега прашањето е колку реално ќе има фирми што ќе можат да се усогласат со барањата, бидејќи таа кредитна линија има повеќе клаузули и барања, и во однос на банката и во однос на крајниот корисник. Значи треба да се усогласат критериумите кои ќе се бараат од ЕИБ за да може да се спроведе кредитната линија.
Се уште не можам да коментирам пред финалната верзија на договорот. Веќе се одбрани седум банки учеснички кои ќе партиципираат, а МБПР определува колку е максималниот износ со кој една банка може да располага. Се е во процес на разгледување на договорите, претпоставувам дека до крајот на летото ќе биде завршен формалниот дел за да може од септември да се стартува.
8. Неодамна организиравте Банкарска школа за новинари, а главната тема беше одговорното банкарство?
На Банкарската школа присуствуваа околу 40-тина новинари од националните и локални медиуми, чија цел беше да ги продлабочи познавањата за макро и микро –економското опкружување, улогата на банкарскиот сектор во Македонија како и финансиските услуги со цел да им пружи на новинарите поголема умешност за подлабоко истражување, објективно расудување и аналитички осврт новинарите.
Преку презентациите на еминентните имиња проф. Мирољуб Шукаров, д-р Владимир Филиповски, проф. д-р Дејан Пендев, Фросина Целевска од НБРМ, Емилија Спировска, член на Управниот одбор на ПроКредит Банка, Маја Палчевска, раководител на Дивизија за банкарски услуги и Билјана Хаџијанева, раководител на сектор за кредитирање, беа посочени основните насоки за значењето на одговорноста во банкарскиот сектор, преку примерот на ПроКредит Банка.
Одговорното банкарство е тема за која ние зборуваме откако постоиме во Македонија. Тоа е дел од нашата стратегија што и да финансираме - да финансираме одговорно. Тоа значи правилна финансиска анализа, правилна проценка на кредитниот ризик, проценка на капацитетот на бизнисот колку може да враќа од својот бизнис на банката при што би се избегнало евентуално презадолжување на клиентот или евентуално давање на поголем износ на кредит кога клиентот нема да може да генерира доволно средства од својот бизнис и ќе се соочи со моментот на извршување -реализација на хипотека што подразбира крај за некој бизнис.
За да го избегнеме тој момент имаме добар тим на кредитни аналитичари (околу 200) поради тоа што нашата работа е трудоинтензивна но за сметка на тоа имаме квалитетно кредитно портфолио. Практично, одговорното или неодговорното кредитирање е главната причина за глобалната рецесија.
Одговорното кредитирање е нешто на што треба да инсистираат и да се трудат и останатите банки, бидејќи тоа е моделот кој ќе ни помогне да не дозволиме ние како банкарски сектор да не дозволиме една таква финансиска криза каква што му се случи на светот. Сепак во Македонија, банкарскиот сектор е стабилен, банките не беа толку неодговорни и тие се релативно поконзервативни.
Неодговорно банкарство паралелно води кон лош квалитет на кредитно портфолио, а тоа е презадолжени клиенти што води до дестабилизирани банки. И на двете страни би имале проблем. При дестабилизирано банкарството е јавува проблем во економијата, колку е поздраво банкарството толку е поздрава економијата.
М.Георгиевска