Милан Димитриоски,Мој ФондСлободата на изборот е една од најголемите придобивки на жителите во пазарните економии, тема одамна обработена од нобеловецот за економија Милтон Фридман во неговото истоимено дело. Изборот на облека, автомобили, техника, храна, маркети, ресторани, телевизии, книги, списанија, работни места, ... е она што ги фасцинираше и нашите сограѓани при нивните патувања во западните земји.
Доволно беше да се отиде на викенд во Солун, на шопинг на Цимиски, во Икеа или за Космос, а да не зборуваме за оние кои имале среќа да заминат некаде подалеку на западот, за да се осети чувството на изобилие и воодушевувањето, поради тоа што луѓето се радуваат ако може да бираат и да ги задоволат своите потреби на најповолен начин.
За среќа на новите генерации, полека, но сигурно, со годините богатството на понудата се прелеваше и во нашата земја, такашто и кај нас, денес, се што треба е да се има пари, па сите потреби ќе бидат задоволени, како да живеете на запад. Значи дојдовме до најважното прашање – како да се има доволно пари, за сега или во иднина да си ги задоволите потребите – да купите нова кола, нов стан, да му овозможите пристојно образование на вашето дете итн.
Затоа е значајно да постои можност за избор и при инвестирањето на вашите пари. Колку е изборот поголем, толку се поголеми шансите да донесете правилна одлука. Правилната одлука за инвестирање на вашата заштеда значи чекор поблиску до нов автомобил, подобро образование за вашите деца, подобар одмор за вашето семејство. Значи пред вас стојат неколку опции - штедење во банка, купувањето државни обврзници, животно осигурување и неговите сигурни 2% годишен принос.
Ова се поприлично конзервативни варијанти кои гарантираат одредени приноси кои не надминуваат 6% на годишно ниво (секако штедењето во денари носи нешто повеќе, но тука нивото на ризик е неколку нијанси поголемо). Наредната опција која ви се нуди е директно инвестирање на македонската берза на која доколку се е во ред во наредниве неколку години имате можност да профитирате доколку направите вистински избор.
За тоа ви е потребно време за анализа на компаниите, редовно следење на берзата и првенствено доволно време за се ова да го постигнете како би можеле да носите одлуки базирани на лична проценка, а не на чаршиски муабети (верувајте, нема да пројдете добро доколку улицата ви е главен репер за носење одлуки, а доколку не верувате прашајте ги оние кои “го чекаа” Фершпед на еден милион, или Макстил на 2.000). И доколку се ова успеете да го контролирате, ви останува проблемот со неликвидноста и секако поврзаноста со само една акција или со само една берза.
Инвестициски фондови се најнова понуда во палетата на изборот. Првите инвестициски фондови кај нас беа отворени во еден од најлошите моменти - во 2008мата година која беше катастрофална за оние кои поседувале акции на планетава, а инвестиционите фондови се токму тоа, парите кои ги добиваат на управување ги пласираат во акции кои може да паѓаат и да растат па така и вашето вложување во нив. За жал во 2008 година акциите, инвестиционите фондови па така и имотот на вложувачите паѓаше по 50,60,70%.
После овие редови веројатно донесовте одлука дека најпаметно е вашите пари да си останат во сигурните банкарски сефови и оваа година па и таа после неа (за секој случај нели), но имајте трпение уште малку...
Дали сте запознаени со терминот ПОПУСТ? На пример дали ако возилото од омилената марка кое минатата година чинело 20.000 евра, а оваа година можете да го купите за 10.000 евра би бил мотив да го купите?
Дали попустот од 70% на чевлите кои не сте можеле да си ги дозволите би бил доволен мотив да ги купите? Епа сега замислете илјадници фирми (добар дел од нив добри и здрави компании) што произведуваат автомобили, облека, обувки, кабли, се занимаваат со храна и транспорт и кои прават профит да може да ги купите за 60,70,80% пониска цена од пред една година. Дали би ја искористиле шансата?
Токму таква можност им се понуди на сите кои преку инвестициските фондови можеа да искористат дел од глобалниот попуст кој светските берзи го нудеа, и само за седум месеци да имаат принос од над 30% неспоредливо повисок со било која друга форма на инвестирање од палетата која ни се нуди. Дали има ризик? Секако тоа е нормална работа за секоја инвестиција, меѓутоа треба да направите проценка колку тој ризик вреди и колку може да ви донесе.
Добро е што започнуваме да имаме избор на ова поле, можеби е време да почнеме да ги користиме неговите предности. Информирајте се за вашите можности за инвестирање, дознајте повеќе за она што го нудат инвестициските фондови, јавете се и дознајте повеќе за нивното работење, прашајте каде ќе се пласираат вашите пари и потоа одлучете дали треба на новиот избор да му дадете шанса и одлучете се за најдоброто.