Сабота
04.09.2010










Неискористените можности на интернетот

Е - Бизнис во Република Македонија (1) - Доц. Д-р Ристе Темјановски

risto-temjanovski
Живееме во време во кое прифаќањето и имплементирањето на новите технолошки достигнувања и следењето на новите трендови на тргување веќе не е работа на малкумина технички едуцирани луѓе. Тоа стана императив на современиот деловен свет.

Најдобриот и најефикасен начин на кој менаџерот може да го унапреди работењето и да ги подобри перформансите на компанијата е преку имплементирањето на новите технологии и вклучувањето во електронската трговија. Многубројни се ограничувачките фактори за македонските компании. Голем дел од нив гледаат на воведувањето нова информатичка технологија како на непотребен расход што би ги оптоварил нивните буџети. Тие се уште не ги соогледуваат бенефициите на подолг рок.

Ограниченото користење на Интернет и електронска трговија е и поради недоволната стручност и способност на вработените во поголем број од нашите компании. Најголемиот дел македонски компании го немаат реорганизирано и дигитализирано своите деловни процеси во согласност со светските трендови и стандарди за електронска трговија ( вклучувајќи дефинирани стандарди за дигитална фактура и нарачка).

За ограниченоста  на користењето на електронската трговија зборува и тековната состојба со електронската трговија во Република Македонија. Карактеристично е што големите компании воведуваат решенија и вложуваат напор да ги дигитализираат своите постојни деловни процеси во своите компании, додека малите имплементираат парцијални решенија со кои дигитализираат одредени операции или делови од тие операции.

Токму за поголемото вклучување на малите и средните претпријатија во електронската трговија и маркетингот преку Интернет, од суштинско значење е нивната засилена директна промоција. Икубаторите за претприемништво, на пример, на малите и на средните претпријатија треба да им понудат тренинзи за вработените, за тоа како да ги реорганизираат и дигитализираат деловните процеси, да ги прифатат стандардите во електронската документација, а со тоа да создадат предуслови за вклучување во електронската трговија и организирање на маркетинг-процесот преку Интернет.

Овој вид бизнис со „светлосна брзина“ се шири во регионот. Само за споредба, Хрватска во 2006 година остварила трговија преку Интернет во вредност од над 600 милиони американски долари. Проценките се дека во 2009 година, Хрватска ќе ја пробие бројката од 1 милијарда американски долари од интернет - трговијата. Ова е ситуација кога пенетрацијата на Интернет во Хрватска е над 40 проценти.

Во Македонија нема официјални податоци за тоа колкава е вредноста на трговијата преку Интернет годишно, но се проценува дека тоа е само неколку десетици илјади евра. Како главна причина за слабата искористеност на можностите на Интернет, секако би го истакнале слабиот пристап до интернетот на македонските граѓани. Нискиот степен на пенетрираност на Интернет во Македонија се уште се толкува со високата цена на интернетот, наспроти нискиот животен стандард.

Се додека Интернет има висока цена, тој ќе биде тешко достапен. На македонските компании останува да развијат способности за да ги идентификуваат и да ги имплементираат е-бизнис аспектите, како и да подготват интернет-маркетинг и комуникациски план. Треба да научат да идентификуваат, мапираат, анализираат и презентираат подобрени процеси и активности на компанијата, за да бидат подготвени за имплементација на електронската трговија.

Низ тимска работа на проекти треба да бидат способни да идентификуваат, критички да дискутираат, комбинираат и развијат план како содветните информатички технологии - ИТ и технологиии за интернет - комуникација, можат да бидат користени од страна на компаниите за да ја подржат имплементацијата на електронската трговија и интернет -  маркетингот. Исто така, потребно е и македонската он-лајн понуда на производи да се зголеми.

Македонските компании треба да понудат книги, музика, облека, храна, технички производи, буквално се за промоција и продажба преку Интернет. Исто така, треба да се креираат дистрибутивни канали, да отвараат форуми за непосредна и брза комуникација со купувачите и слично. Македонските компании мора набргу да ја согледаат потребата од вклучување во современите начини на водење бизнис, зошто не постои друга алтернатива за да се опстои на пазарот, и зошто Интернетот е особено погоден за компании од мал обем, одалечени од главните светски случувања, какви што се македонските.

Предизвиците за е - трговијата во Македонија
И покрај тоа што постои големо интересирање за трговијата преку Интернет, и од страна на потрошувачите и од страна на трговците, таа се уште не го достигнала саканото ниво во Македонија. Зошто, во развиениот свет буквално се може да се набави и купи преку Интернет.

Од книги, цедеа, најнови софтверски решенија, лекови, козметика, облека, па и дури лесни видови дрога. На истиот начин можат да се платат сметки за вода, струја и парно. Може и да се комуницира и со државните институции, избегнувајќи ги долгите редици пред шалтерите. Преку Интернет можат да се платат таксите за добивање на потребните документи, изводи од матичните книги на родените, поседовни листови, катастерски скици... Преку Интернет може да се резервира место за паркинг за вашиот автомобил и сметката да биде платена преку мобилен телефон.

Постоењето на е-трговијата е во интерес на целото стопанство и на целата држава. Ако не нема на светската трговска мапа, ако не нема како информатичка земја, како да се презентираме пред светската економска јавност.

Иако можеби на прв поглед изгледа дека проблемот за ваквиот начин на тргување лежи во недоволната информираност на граѓаните, слабата заинтересираност на компаниите и ниската куповна моќ на населението, добрите познавачи на ситуацијата тврдат дека не е така. Во прашање е нешто друго. Ризикот при користење вакви трансакции во Македонија е многу голем.

Според истражувањето направено во последните неколку годиниод страна на Рајан Калембер, регионален технички менаџер за Европа, Средниот Исток и Африка, Република Македонија е рангирана на последно место со многу голем, стопроцентен ризик при користење на платежни трансакции. Земји со многу помал  ризик од нас, кога станува збор за платежни трансакции се Нигерија, со 86,67 проценти, Гана со 85,71 проценти, Виетнам со 85,15 проценти, Египет со 81,82 проценти, Индонезија со 69,57 проценти, Тајван со 67,21проценти, Јордан со 63,64 проценти, Израел со57,14 проценти и Швајцарија со 54 проценти.

Овие бројки не се ни малку охрабрувачки, имајќи го предвид фактот што ваквиот рејтинг, државата го носи уште од крајот на деведесеттите години на минатиот век, кога во Македонија се појави сајбер-криминалот. Тоа секако ги одврати и домашните компании, особено банките и странските фирми, да се впуштаат во ваков бизнис во Македонија.

Кога е во прашање нашата држава, се уште е тренд да се отвараат мали дуќани или големи супермаркети и стоковни куќи. Можеби ова е една од причините што нашите граѓани се уште преферираат шетање по продавници отколку сурфање и пазарење преку Интернет.
(продолжува)



Став

Александар Пајковски, управител на „Дуна Компјутери“
Нашиот адут е ULTIMA® - моќен софтвер за моќна компанија
Колкаво е семејното богатство на поранешниот премиер?
Љубчо Георгиевски ‘‘тежи‘‘ близу сто милиони евра?

Mуабети

Анкета

Колку пари планирате да потрошите за летен одмор?:


ТОП ДОБИТНИЦИ

СТИЛ
2,27%
МПТ
1,22%
ГРНТ
0,64%
ТПЛФ
0,64%



ТОП ГУБИТНИЦИ

ЦЕВИ
-2,77%
ТЕЛ
-2,60%
КЈУБИ
-2,44%
СБТ -1,10%
КМБ
-0,52%

БЕРЗАНТ

МБИ 10 2,357 90
0,28%
МБИД 2,579 55
-0,60%
ОМБ 106 18
-0,04%

КУРСНА ЛИСТА

EUR 61.20 61.81
USD 49.39 49.88
GBP 73.37 74.11
CHF 44.54 44.99








ЗА НАС ПРЕТПЛАТА МАРКЕТИНГ КОНТАКТ

Проект на ЏИН ПРОДУКЦИЈА и Здружението на економски новинари

Адреса: Бул. Партизански одреди 2/16, ТЦ Буњаковец, 1000 Скопје , Тел. 02/ 3239 800 , Факс 02/ 3239 655 , email: redakcija@biznis24.com.mk

2009 © Сите права се задржани