Зоран Стрезовски, директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Со имплементацијата на Националната стратегија за развој на туризмот до 2012 година треба да се отворат 2.000 работни места во оваа област и уште 1.500 во придружните сектори, да се зголеми девизниот прилив за 28 насто и да има повеќе директни домашни и странски инвестиции во хотели, туристички продукти и објекти.
За спроведување на активностите предвидени со Стратегијата, формирана е Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. За тоа кои проекти се реализирани досега и што е направено во насока на подобрување на туризмот во Македонија, разговараме со директорот на Агенцијата, Зоран Стрезовски
*Што се предвидува со имплементацијата на Националната стратегија за развој на туризмот?- Стратегијата ја дава визијата на Република Македонија како посакувана туристичка дестинација, а ги пропишува начините, мерките и инструментите како да се стигне до тоа. Македонија е дефинирана како препознатлив туристички бренд заснован на културни и природни реткости.
Со реализирање на акциониот план, имплементацијата овозможува развој на туризмот, креирање на регионални туристички производи и развој на одредени региони во Македонија. Таа содржи планови, проекти и активности за остварување на зацртаната визија во туризмот. Пред конечно усвојување од Владата, Стратегијата ја дадовме до научните институции од областа на туризмот, уште еднаш да дадат свое мислење и забелешки, доколу ги имаат.
*Колку Стратегијата ќе придонесе за привлекување странски туристи и за зголемување на девизниот прилив?- Сите насоки на Стратегијата се во тој правец, односно зголемување на бројот на странски туристи во Македонија. Таа дава можности за креирање на квалитетен туристички производ, квалитетна услуга, развој на туристичка инфраструктура, развој на различни видови туризам во различни региони и создавање препознатлив бренд.
Со мерките и активностите содржани во Стратегијата, треба да се овозможи не само привлекување на странски туристи, туку и зголемување на девизниот прилив во нашата држава. Така, годинава во споредба со лани, бројот на странски гости е зголемен за околу десет проценти, што е добар показател за тоа.
*Дали Стратегијата ќе придонесе за зголемување на странските инвестиции во секторот туризам и за отворање нови работни места?- Стратегијата дава реална слика и визија за развојот на туризмот. Во кои делови од Македонија постои можност за развој на туризам, за каков вид туризам и на каков начин тоа може да се реализира. Тоа дава слика и на бизнис секторот, каде и во кој правец да се насочуваат инвестициите. Отворањето на нови капацитети ќе овозмози и поголем број вработувања.
Некои наши граѓани веќе се вклучиле во туризмот, но немаат соодветни познавања за тоа каков вид на туризам да развиваат. За таа цел, Агенцијата потпиша договор за соработка со Факултетот за туризам во Македонија, за организирање трибини преку кои ќе се овозможи креирање на регионални туристички производи.
*Кои проекти досега ги реализираше Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Македонија? - Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, заедно со Министерството за економија, се вклучи во реализацијата на Програмата за промоција на туризмот. Во овој краток период од своето осуммесечно постоење, реализиравме голем број проекти што придонесоа за зголемен број на странски туристи во нашата земја, во услови кога во соседните држави бројот на странски туристи стагнира.
Така, по примерот на големите туристички дестинации Хрватска и Турција, за првпат реализиравме билборд кампања во соседните земји и таргетирани градови - Тирана, Софија, Белград, Љубљана и Киев. Се промовиравме во туристичките магазини како Си-Ен-Ен травелер и во Љубљанскиот магазин “Журнал“. Исто така, овозможивме странски тур-оператори и новинари од повеќе земји да се запознаат со туристичките потенцијали на нашата земја и ги поврзавме со нашите тур-оператори.
Досега, Македонија ја посетија тур-оператори и новинари од Германија, Русија, Украина, Холандија, Индија, Бугарија, Турција и од Хрватска. Поставивме и туристички инфостолбови на граничните премини и на аеродромите, со цел уште при влезот во нашата држава, туристите да се запознаат со туристичките потенцијали. Ова е посебно важно за привлекување на транзитните туристи кои само поминуваат низ Македонија.
*Покрај овие активности, што друго прави Агенцијата за поголема промоција на природните и културните богатства на Македонија? - Покрај телевизиските спотови, рекламите во печатените медиуми и билборд кампањите, учествуваме на меѓународни саеми за туризам во странство. Така, преку економските промотори добиваме база на тур-оператори на дадената земја и ги запознаваме со новостите од туризмот во Македонија.
Една од најголемите акции за привлекување странски туристи во Македонија е програмата за субвенционирање на странски тур-оператори. Оваа програма, која е во фаза на усвојување од страна на Владата, ќе стапи во сила наредната година. Она што ќе следува во наредниот период, е подобрување на туристичката инфраструктура и воведување поголем ред во туризмот.
Анета Стојчева
Коментари
CFPahkEWqBqjaxKQ
mghdqkOJMOkL