Историјата на македонскиот денар На 15 јануари 1992 година, во Печатницата се беше готово да се отпочне со печатењето на првите македонски пари во вид на вредносни бонови. Печатењето требаше да се реализира со машина најсоодветна за тоа, со која работеа двајца работници, брачен пар. Во салата се случуваше свечена атмосфера и тишина. Кога сите подготовки беа готови, нумераторот на машината поставен на нула, а обичната заменета со специјална хартија, околу 11 часот почна печатењето на вредносниот бон од десет вредносни единици.
Кога го видов првиот табак со лицето на 26 банкноти, почустував како очите ми се полнат со солзи. Со намера да ја сокријам мојата слабост, се свртев кон прозорецот бришејќи си ги незабележливо очите. Кога малку се созедов, се свртев повторно кон машината, која го печатеше лицето на банкнотата, по 24 примероци на секој табак, видов дека и очите на брачните сопружници што работеа на машината беа полни со солзи. И не само нивните, солзи радосници имаше на очите на сите кои во тој миг беа сведоци на овој историски чин кога почна печатењето на првите македонски пари.
Меѓутоа во април 1992 година се повеќе факти зборуваа за цврстата определеност на Република Македонија, за монетарно отцепување од тогашната Југославија и за пуштање на македонските пари во оптек наместо ју-динарите. Од тие причини, Народната банка на Југославија се одлучи да ги затвори вратите на девизниот пазар за банките од Македонија и да им го оневозможи пристапот кон средствата од примарната емисија.
Со, тоа Народната банка на Југославија практично се прогласи за ненадлежна на територијата на Република Македонија, а нејзин единствен интерес остана да ги повлече динарите што беа во оптек во Република Македонија. За реализација на тој интерес на НБЈ беше формирана заедничка комисија, која јас ја прифатив.
Сеќавање на Борко Станоевски,
Поранешен гувернер на НБРМСе повлече ЈНА – се воспостави царина Така, во почетокот на април дефинитивно престана да постои единствениот и многу важен мотив за продолжено останување на Република Македонија во монетарниот и девизниот систем на тогашна Југославија.
Во меѓувреме, од Република Македонија се повлече ЈНА, која беше многу важен ограничувачки фактор за воведувањето на македонски пари. Истовремено беа воспоставени гранични премини и царинска контрола и кон Република Србија, како една од многу битните претпоставки за воведување на сопствени пари.
Во Југославија, стапката на инфлација од месец до месец беше се повисока. Во април 1992 година, таа достигна 86 проценти на месечно ниво. Македонското стопанство, кое имаше во извесна мера инфериорна положба во однос на останатотото југословенско стопанство, во услови на хиперинфлација можеше да биде наполно опостушено. Покрај тоа, во Република Србија повеќе од 100 производи можеа да се купат само за девизи, во никој случај за безвредни југословенски динари. Тоа беа причини поради кои требаше да бегаме што е можно побргу од монетарната зона на Југославија.
Во средината на април 1992 година практично не постоеше веќе ни една причина поради кое монетарното осамостојување на Република Македонија и пуштањето на македонските пари во оптек треба да се одложува. Се чекаше само на довршување на првата антиифлациона програма на Владата на Република Македонија и на утврдување на денот на монетарното осамостојување на Република Македонија и на пуштањето на првите македонски пари во оптек.
На 26.4.1992 година, Собранието на Република Македонија ги донесе Законот за Народна банка на Македонија, Законот за парична единица на Република Македонија и Законот за употреба на паричната единица на Република Македонија во скратена постапка.
Народната банка на Македонија беше конституирана во самостојна и емисиона банка.
Во согласност од член 100 од Законот за Народна банка на Република Македонија, до изборот на Совет на Народна банка, одлуките во надлежност на Советот ги донесуваше гувернерот на Народната банка на Република Македонија. Во согласност со таа одредба, ги донесов одлуките потребни за повлекување на југословенските динари во оптек, за пуштање на вредносните бонови кои го добија името денар, во оптек и со посебно упаство ги пропишав условите за времето и начинот на замената на динарите со денари.
На 27.04. 1992 година започна замената на ју динарите со денари и успешно заврши во предвидениот рок од три дена. Околу тоа како беше извршена замената има детаљни извештаи, а јас ќе се осврнам на две прашања кои сигурно не се третирани во тие извештаи.
Како се дојде до иметоПрвото прашање е околу настанувањето на името на (називот) на првите македонски пари. Тоа прашање остана неизвесно речиси неколку дена пред пуштањето на вредносните бонови во оптек, иако поединечни предлози за името на идната валута се јавија уште во почетокот на 1991 година главно во јавните гласила. Така уште на 24 јануари 1991 година, непознат автор во „Пулс“ го промовираше името пеон за идните македонски пари, според името на еден непознат народ што жиивеел на овие простори - Пеоните.
Во написот се шпекулираше дека ова вест протекла од Народната банка, на која и бил доверен проектот за изградба на сопствен монетарен систем. Нешто подоцна истата година, Печатницата „ 11Октомври“ во Прилеп отпечати прототип на македонските пари со назив статер - грчки назив под кој некои антички македонски владатели ковале монети. Меѓутоа кога Словените дошле на Балканот, Статерите не се ковале во Македонија и не биле во активна употреба.
Една од актуелните политички партии на разни начини го сугерираше името лав, кое исто така немаше историска основа и не беше сериозно прифатено. Во Народната банка на Македонија како што наближуваше денот на монетарното осамостојување, за идните македонски пари како работен назив се употребуваше името македонски динар.
Неколку дена непосредно пред седницата на Собранието на Република Македонија, одржана на ден 26.4.1992 година, по телефон ми се јави тогашниот министер за финансии, кој ме запозна со предлогот на академик Петар Хр. Илиевски, истакнат класичен филолог, кој веднаш ми се стори како прифатлив.
Имено, познатиот, академик врз основа на своите научни истражувања дошол до сознание дека во времето на доаѓањето на Словените, Македонија била римска провинција и овде циркулирале римски пари. Основниот назив на римските пари бил denarius од кој преку византискиот грчки е добиена и формата dinarmon ( динар). Називот денариус продолжил да се употребува до денес на Балканот и Медитеранот во две форми: Поретко денар а пораспространето динар.
Од повеќе причини, академикот го предложи називот денар. За овој, по мое мислење единствено прифатлив назив, веднаш ги информирав претседателот на државата и премиерот и бидејќи и тие се согласија, називот денар го вградивме во Законот за паричната единица на Република Македонија. Подоцна овој назив беше едногласно прифатен и во собранието на Република Македонија.
Експресна замена на динари со денари На прашањето на замената на динарите со денарите му пријдов со голема сериозност. Упаството за условите и начинот на замената ги направив речиси сам.Во суштина, беа утврдени следните критериуми: во замената можеа да учествува само државјанин на Република Македонија постар од 18 години што се докажува со лична карта, може да се заменат во готово максимално до 20 илјади денари, секој поголем износ може да се уплати на штедна книшка или на тековна сметка што подоцна посебно ќе се контролира и, најпосле рокот на замената ќе трае три дена.
Во упаството беа пропишани и многу други детали во врска со начинот и условите на замената на динарите со денари.
Неколку денови пред замената, нацрт законите и актите во врска со престојната замена на динарите со денари беа предмет на разгледување на владината група за монетарен систем. На тој состанок, Претседателот на групата, угледен и почитуван академик, предложи лимитот на размена на готови пари да се покачи до 50.000 динари, со образложение дека износот од 20.000 динари можеше да се покријат еднонеделни трошоци на четиричлено семејство што е сосема доволно. Се спротиставив на таквиот предлог, наведувајќи ги примерите со Словенија и Хрватска.
Имено, во Словенија замената траеше исто така три дена и во износ од 20.000 денари, а во Хрватска, многу порестриктивно, размената заврши за два дена и во износ од 10.000 денари, иако се реализираше три месеци подоцна од Словенија. Во секој случај, групата го прифати предлогот на претседателот, а на крајот, иако нерадо, се сложив јас и на 26.04.1992 година во упаството што го потпишав и го доставив до сите седишта на Службата на оштествено книговодство, утврдив, во својство на Совет на Народната банка на Република Македонија, лимит за размена на динари во готово до 50.000 динари.
Меѓутоа, немирот и стравот што ги чуствував од неизвесноста за сумата динари што ќе биде заменета за денари, кај мене беа се поголеми. Ноќта спроти 27.4.1992 година, сон не ме фати, и покрај големата количина на седативи шти ги примив.
Првиот ден од размената го минав посетувајќи го седиштата на Службата на општествено книговодство, во разговори со благајниците и со следење на извештаите од сите седишта на Службата на општествено книговодство. Некаде до полноќ дојдов до следните сознанија: прво, во првиот дел од размената беа заменети значително повеќе динари за денари во споредба со нашите предвидувања, второ во најголем дел од Македонија граѓаните менуваат износи во просек од 10.000 динари, а во еден дел од Македонија масовно се јавуваат сите членови на семејствата постари од 18 години и менуваат максимално по 50 000 динари.
Ноќта спроти вториот ден на размената одлучив, во својство на Совет на Народната банка на Македонија во чија надлежност беше донесувањето на таа одлука, максиммумот на можната замена на динари за денари да изнесува 20.000 динари. До 9,00 часот на 28.4. 1992 година за тоа по факс беа известени сите седишта на Службата за општествено книговодство. За помалку од половина час исчезнаа редиците од пред шалтерите на Службата за општествено книговодство во регионите каде што пред тоа масовно се менуваа по 50.000 денари.
Во 10 часот истиот ден практично упаднав во Кабинатот на Премиерот и го известив за тоа што го сторив и за причините поради кои го сторив тоа. Кратко ми одговори: „Добро, се надевам дека знаеш што правиш“.
Коментари
VIKtOvWkKj
TOFwBgUAeDJXIe